„Фантазмагорија“ е логично продолжение на потврдениот и зацртан квалитет од кој Цветановски не отстапува. Но, таа не е само уште една креација во богатата низа негови дела, туку ја има додадената вредност да биде досегашно заокружување на истата таа низа – приказ на целокупниот сликарски опус на овој наш истакнат автор. Поместувајќи го во неа со години ставаниот на хартија интерен надреален свет на Цветановски, нејзините страници се вистински деликатес за уметничките сладокусци и своевиден портал кон еден богат духовен живот и неверојатна имагинативност. А, како таква, и со илустрациите но и со текстот, таа претставува значаен книжен портрет, белешка за неговото творештво и биографија за професионалниот живот на еден од нашите најдобри визуелни уметници.
Монографија за уметникот и стрип автор Тони Анастасовски, поточно за неговите 30 години творештво.
ФАНТАЗМАВИЗИЈА е книга за создавањето на еден имагинарен свет кој има конзистентност и постои како фатаморгана паралелно со нашиот познат свет во даден простор и време. Воедно, тоа е книга за љубовта кон цртањето.Книгата го поттикнува и ликовниот аматеризам во најдоброто значење на зборот како љубов и посветеност кон уметноста. Впрочем Тони Анастасовски е еден од најголемите ентузијасти во ликовната уметност кај нас и е пример за пожртвуваност, доследност и истрајност во остварувањето на својата визија. Да се посвети цел живот на уметноста и да се обликува сопствената визија во книга како што е ФАНТАЗМАВИЗИЈА е значаен потфат. Станува збор и за значаен јубилеј на авторот. Триесет и пет години цртање е долг период на самопрегорно вложување на себе во уметноста и треба да се одбележи. Особено имајќи го предвид специфичното авторско разбирање на уметноста и на задачата на уметникот кое го има Тони Анастасовски.
ЕСТЕТИКА НА СТРИПОТ е збирка на огледи од областа на филозофијата, историјата и социологијата на стрипот.
Во стрип-албумот ,,КАНТАНА” епизода ,,ЗА ОДМАЗДА ПОВЕЌЕ”, авторот Јовчевски ве носи во оние познати постулати на класичниот вестерн: широка прерија по која јава осамен јавач, поштенски кочии, возови со парни локомотиви, ловец на уценети глави, бескрупулозни бандити, измамени и убиени индијанци, индијански одмазници, каубојци истерувачи на своја правда, салун со пијаници и дами за забава... Стожер на приказната е ликот на Бил Балука од Индијанците наречен Кантана (гробар). На почетокот на приказната тој е младо момче чиј татко е убиен, речиси пред неговите очи, а десеттина години подоцна тој се преобразува во одмазник на виновниците за неговата лична несреќа, но и на заштитник на Индијанците и на другите жртви на насилниците од секаков род и вид, присутни во тоа време и на тој простор.
Wanted - Вестерн Колекција на Јовчевски е збирка на класични вестерн стрип-минијатури сместени во историската мизансцена од втората половина од XIX век во специфичното и препознатливо опкружување на далечните и сурови предели на американскиот запад.
Патина е еден вид длабока анализа на авторот кон себеси, во неа однесени сме на прошетка низ личното подземје и надземје на Тихомир во кои тој го (ре)открива својот личен пат во испреплетеноста на „овој“ и „оној“ свет. Со синтезата, пак, на сродните човечки индивидуалности во една споделена целовитост, го сведочиме освестувањето на авторското чувство за припадност во свет кој нуди победа над себето, но не како резултат на самопобедување. Токму со таа сетилност Јанчовски нуди сосема ново доживување на концептот на “пат околу себе за живот дена”. Со тоа не само што го оправдува пристапот на реоткривање на животните врски и смисли низ дневничко-исповеднички записи, туку останува верен и на иницијалното ветување кон читателот за прозно заедничарење, потпирајќи се на зборот како на трет сопатник...